
Тетовските тротоари претворени во паркинзи
На булеварот „Маршал Тито“ во центарот на Тетово функционира само една коловозна лента. Сообраќајницата е блокирана од паркирани возила. Возачите велат дека сообраќајниот хаос во градот се создава токму поради недостиг на слободни паркинг места, па тие мора да паркираат на улици, на тротоари, на јавни површини.
Проблемот со паркинг просторот најголем хаос создава во тетовските мала, каде автомобилите се паркираат пред домовите на жителите, а тротоарите се целосно узурпирани.
Во градот има 600 слободни паркинг места, наспроти одредени полициски извори кои говорат дека во овој период од годината кога доаѓаат печалбарите, бројката на возила кои гравитираат во градот изнесува 60.000.
И покрај огромниот недостаток на места за паркирање, Јавното претпријатие градски паркинг Тетово, три години од неговото формирање не успеа да обезбеди нови затворени паркинзи, катни гаражи и слично.
Зонското паркирање го воведоа само на неколку улици во центарот на градот. Овој начин на паркирање се уште не ги опфаќа ниту целосно булеварите „Благоја Тоска„ и „Илинденска“, а во перферијата на градот зонското не е ниту на повидок.
Од претпријатието велат дека паркирањето во рамки на зоната се одолговлекувало, затоа што полицијата подолг период не им давала дозвола да ги спроведат ваквите сообраќајни решенија.
Проблемот велат е надминат, зонското ќе се прошири летово, а нови паркиралишта ќе се отворат, откако финансиски ќе се зајакне претпријатието.
Проблемот со паркирањето во градот според сообраќајните експерти, се влошува и поради неконтролираниот урбан хаос во градот, каде се градат огромни висококатници без да им се обезбедат на станарите паркинг места, а дел од огромните зданија се градат и на поранешни паркиралишта, како во случајот со новиот театар во Тетово.
Зоран Димовски