
Бројчаникот за враќање на украдените пари и по една година е само најава
Триумфалната капија е на старото место, но на неа се уште нема никаква табла со цифри. На предизборните митинзи на тогаш опозициската СДСМ во 2016 најсилно одекнуваше ветувањето дека на портата ќе се постави бројчаник кој на граѓаните ќе им покажува колку од украдените пари се вратени назад во буџетот на државата.
Но една година откако СДСМ ја практикува власта во земјава, бројчаник, кој би покажувал колку од нелегално стекнатиот имот преку криминални актоивности е конфискуван, се уште не е инсталиран.
Пред одржувањето на парламентарните избори, тогашната опозиција, а сегашна власт ветуваше дека на ова местро овде, на триумфалната капија, ќе постави бропјчаник кој во секунда ќе мери колку од украдените пари се вратени, но една година по формирањето на Владата, од таму велат дека се уште се работи на утврдување на надлежностите на институциите и на техничките работи околу бројчаникот. Но, конкретен рок, од Владата се уште не кажуваат.
Премиерот Зоран Заев пред неколку дена, на прес конференцијата по повод една година Влада, рече дека очекува тоа да се реализира за многу скоро време, бидејќи во институциите постапката веќе била почната.
Пред месец и половина, пак, во интервју за Телевизија 24, премиерот Заев рече дека ако треба и самиот ќе го купи бројчаникот.
„Јас лично од мојата плата, од моите приходи ќе го платам бројчаникот и ќе го закачам на Триумфална. Такви пари во буџетот немам, па затоа од лични пари ќе го купам. Бројчаникот ќе биде поставен кога во правосудството ќе паднат првите пресуди и парите кои се украдени ќе бидат вратени“, рече Заев.
Познавачите, пак, сметаат дека бројчаникот и нема потреба да се поставува и за него да се прават трошоци, а граѓаните ќе бидат најсреќни доколку некој некогаш во земјава, по правосилни судски пресуди, ги врати украдените пари. Бизнисменот Горан Рафајловски вели дека тоа би го стопирало криминалот во највисоките, но и во пониските кругови во земјава, но според него, такво нешто не се случило во изминатите 27 години, па тој воопшто не е оптимист дека ќе се случи и во наредниот период.
Според него, Владата ветуваше и дека ќе постави бројчаник кој ќе го покажува намалувањето на јавниот долг на земјава, но тоа засега се заборава.
Нина Нинеска-Фиданоска