
Технички детали го одложуваат телефонскиот разговор Заев – Ципрас
Зоран Заев и Алексис Ципрас се уште немале телефонски разговор, информираше денеска македонскиот премиер. Во преговорите и договорот околу името меѓу Македонија и Грција има одредени технички работи кои треба да се решат меѓу двете страни, објасни Заев и потврди дека желбата е потпишувањето да се случи во Преспа.
„Штом се отстранат овие технички можности веднаш ќе се случи телефонскиот разговор и верувам дека во најбрз можен рок ќе можеме да објавиме дека сето тоа што е договорено, како би го процесуирале понатаму самите постапки. Конечна цел ни е да пристигнеме навремено пред Европскиот совет заради тоа што тогаш ќе се одлучува за добивање датум за отпочнување на преговорите за Македонија“, рече Заев.
Оптимизмот кој преовладуваше во очекување на телефонскиот разговор вчера, се намали по соопштението од грчката влада, која синоќа оцени дека „македонската влада не е во можност да излезе во пресрет на она што беше договорено на последната средба на министрите за надворешни работи во Брисел“.
Притисок вршат и опозициите во двете земји, кои ги обвинуваат владите за продажба на националните интереси, особено по прашањата кои се однесуваат на јазикот и идентитетот. Во последните извештаи, грчките медиуми пренесуваат дека Атина бара македонската страна да ги заврши сите обврски, па потоа евентуалниот договор да се ратификува во грчкиот парламент, односно прво да се заврши со референдумот во Македонија, а потоа договорот да добие зелено светло од грчките пратеници.
Денеска преговорите ги коментираше и Архиепископот на Грчката православна црква Јеронимос. Според него ставот на црквата е јасен, но таа не учествува во процесот и не одлучува.
„Црквата зазеде став. Рече јасно дека никаде не го даваме нашето име, но тоа не е работа на црквата. Црквата не прави протести, граѓаните одбраа Парламент и Парламентот е одговорен за тоа. Грците се одговорни што гласаат, а Парламентот да ја води земјата, рече архиепископот Јеронимос.
Телефонскиот разговор беше најавен по последната средба меѓу министрите Димитров и Коѕијас во Брисел каде договорија рамка за постигнување на решение за името, која предвидува и план за конечно затворање на спорот кој се состои од 11 чекори. По таа средба министерствата на девете земји составија тимови кои во Атина требаше да ги усогласат техничките и правни аспекти на договорот. Правниот тим на македонското МНР е вратен во земјава, но не е познато дали во Атина била постигната целта или се вратиле затоа што не постигнале договор.
Игор Трајков