
СОНК ги обвинува судовите за селективност
Во тек се над 120 тужби на просветни работници по основ на трансформација на работен однос од определено на неопределено време. Ова денес на прес конференција го соопштија претставниците на Синдикатот за образование, наука и култура, посочувајки дека поради изборниот законик, во изборна година не може да има нови вработувања и со тоа комисиите во 2017-та година не одлучувале за оние кои поднеле барања за трансформацијана нивниот работен однос. Овој правен вакуум бил причина за бројот на тужбите секојдневно да расте, посочуваат од СОНК. Правниот застапник на СОНК, адвокатот Ванчо Шехтански ги обвинува судовите за селективност при носењето одлуки за овие тужби по ист основ.
Од СОНК велат дека за настаната состојба ќе го запознаат и народниот правобранител. Со спогодбата за трансформација на работниот однос од 2009-та година помеѓу СОНК и ресорните министерства, до март 2017-та година се направени 8000 трансформации на работен однос од определено на неопределено време.
Јордан Дуков