СОЗР објави оглас за сервисирање на блиндираниот мерцедес

Фамозниот „Тенк“ на СЈО, познат и како она на „М“ од бомбите со Груевски и Јанкулоска и по првостепената пресуда продолжува да влече пари од буџетот. Службата за општи и заеднички работи објави оглас за сервисирање на блиндираниот мерцедес С 600. Предвидени се 27 и пол илјади евра за сервисирање без платен данок. Во владата на пладневниот прес немаа повеќе информации.

Директорот на СОЗР ни одговори дека мерцедесот мора да се одржува.  „Не знам кога ќе заврши судската постапка, а возилото мора редовно да се сервисира“, ни рече директорот Пеце Мирчески.

Сервисот за овој мерцедес е на 15 илјади извозени километри. Цената од 27 илјади евра за сервисирање е утврдена по претходно извршените сервиси, но на 19-ти јуни ќе биде одлучено кој ќе ја добие зделката и за која сума, ни соопшти Мирчевски. Претходно мерцедесот бил сервисиран преку тендер од МВР.

Најголем проблем со блиндираниот мерцедес е тоа што нема сервисна книшка. Од информациите добиени при проценка на возилото утврдено е дека преку МВР, мерцедесот бил сервисиран 4 пати, два пати во 2013-та кога има голема извозена километража, во 2014-та и во 2016-та.

Ѓоко Поповски, поранешен помошник министер за јавни набавки во МВР е осуден на 6 и пол години затвор, а екс премиерот Никола Груевски на 2 години затвор поради набавката на мерцедесот за која судот Скопје 1 пресуди дека е изведена противзаконски и на наместен тендер. Обвинетите имаат право на жалба на пресудите, а Груевски го смета процесот на СЈО за политички прогон.

На тендерот за набавка во 2012-та се пријавила само една фирма, а мерцедесот според дописите на МВР е платен 573 илјади евра. Бидејќи новата влада одлучи да го продаде и за парите да купи медицински возила, беше извршена проценка и утврдено дека по 6 години користење мерцедесот вреди околу 234 илјади евра. Мерцедесот го затворија во гаражата под МТВ, но продажбата беше стопирана поради судскиот процес „Тенк“. Само за 5 сервиси државата ќе потроши околу 120 илјади евра, или колку две современи возила за итна помош.

Миомир Серафиновиќ

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ