
Нетрпеливост меѓу етничките заедници
Се уште постои јаз и недоверба меѓу двете најголеми етнички заедници, македонската и албанската. Охридскиот договор не придонел во градењето доверба. Виновни за тоа се политичарите но и дел од медиумите кои со своето делување го отежнуваат процесот на помирување. Ова се заклучоците од најновото истражување на проектот ,, Поделено минато-заедничка иднина,,. Национализмот се уште е присутен во сите сфери на општественото живеење. Соживотот на Македонците и Албанците е оптоварен со поделби, раздор и огорченост.Етничка дискриминација најмногу има во админстрацијата, бизнисот и граѓанскиот сектор.
Во општините со мешан етнички состав функционира т.н. линија на демаркација. Како пример беше посочено Куманово. Од едната страна на улицата живеат Македонци а од другата Албанци. Мостот е симболот за поделбата. Дека ситуацијата со гетоизацијата и недостатокот на квалитетна коегзистенција не е исклучок се потврдува со фактот што Албанците си заминуваат од Радишани , а Македонците од Чаир бидејќи таму има повеќе Албанци.Причина за етничките конфликти е и слабиот економски развој .Сите овие состојби може да се надминат само со засилување на граѓанскиот сектор и градење врски и комуникација што ќе придонесе да дојде до помирување на етничките заедници.
Јулијана Пешевска