Џафери: Законот за јазиците е институционален проблем

Законот за јазиците се уште го чека потписот на претседателот Иванов. Донесен е пред два и пол месеци, а не е излезен во Службен весник, што е услов за да почне да се применува. „Во Службен весник ќе биде испратен во соодветно време. Се бара форма за крајна реализација“, рече спикерот Талат Џафери на редовниот брифинг со новинарите. Објаснува дека ова веќе не е индивидуално туку институционално прашање и дека тој не сака да му ја префрли топката на некој друг.

Џафери повтори дека тој ја исполнил својата уставна обврска и го потпишал Законот, а Иванов е тој што не ги исполнува уставните надлежности. Иванов сега се крие зад имунитетот и немањето дво-третинско мнозинство во Парламентот за негово разрешување, но ова, според спикерот, е кривично дело кое не застарува.

Законот, со кој треба да се прошири употребата на албанскиот јазик беше донесен во јануари. Претседателот одлучи да не го потпише, па законот, согласно Уставот, се врати во Собранието и без амандманска расправа во март беше повторно изгласан од парламентарното мнозинство. Иванов изјави дека е андидржавен, суштински неправеден и  донесен надвор од процедурите, и дека и Уставот и совеста не му дозволуваат да го стави својот потпис.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ