
„Скај“ : Неколку фази до комплетен договор за името
Остануваат уште неколку фази до комплетен договор за името. Дел од грчките медиуми, ги објавија чекорите до финализирање на договорот. Откако ќе завршат преговорите на експертските тимови за техничките и правните прашања, ќе следува телефонски разговор на Заев и Ципрас, најверојатно до четврток или петок. А можна е и средба во Преспа каде би се официјализирал договорот по што ќе следат неколку фази до ратификацијата на спогодбата во двата парламента.
Грчката телевизија „Скај“ објави дека прашањето со ерга омнес и понатаму е разликата во позициите на двете страни.
„Во овој момент, двете страни ја разделуваат уставната ревизија, а ерга омнес е клучот“, објави грчката телевизија.
Според „Скај“, по Преспа, ќе следи процес што содржи неколку фази:
-Првиот чекор е премиерот Заев да го донесе договорот во македонското Собрание на изгласување, но не со зголемено мнозинство.
-Откако договорот ќе добие зелено светло од македонските пратеници, -Грција со допис ќе го извести НАТО дека одобрува влез на Македонија во Северно–атлантската алијанса, но под услов да има уставна ревизија.
-На 28 и 29 јуни, на Самитот на ЕУ, на Заев и официјално ќе му биде -доделен датум за почеток на пристапни преговори на Македонија со унијата.
-На 11 и 12 јули ќе следува официјална покана за влез во НАТО на Самитот во Брисел.
-Во септември или октомври, во Македонија ќе се одржи референдум за новото име.
-По референдумот, македонското Собрание со двотретинско мнозинство ќе треба да одобри уставна ревизија.
-Откако ќе се заврши со референдумот и ревизијата на Уставот во Македонија, договорот ќе стигне во грчкиот Парламент на ратификација.
Според грчките медиуми, решението ќе биде со име од трите предлози на Нимиц: „Република Нова Македонија“, „Република Северна Македонија“ или „Република Горна Македонија“.