Ако до ноември не биде готова пругата од Битола до Грција, Македонија ќе изгуби 6 мил. евра од ИПА фондовите

Ако до ноември годинава не биде готова пругата од Битола до соседна Грција, Македонија ќе изгуби 6 милиони евра од ИПА фондовите на Европската Унија, а парите ќе се надомсетат од државниот буџет. Во тек се градежните работи за делница во должина од 17 километри, која железнички ќе ја поврзе Пелагонија со солунското пристаниште. Вкупната вредност на проектот е 17 милиони евра, а државата учествува со 11 милиони евра.

„Станува збор за пари кои Република Македонија мора да ги искористи, 6 милиони евра. Според  договорената динамика, од ова што го гледам на терен, од она што е разговарано и што сум информиран, очекувам дека изведувачот ќе ја заврши својата работа. Тие 6 милиони евра Македонија ги добила за да бидат искористени, а не да ги вратиме и да ги дадеме од буџетот на државата. Практично сум сигурен дека изведувачот ќе биде на висина на задачата“, рече Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Изградбата на пругата Битола-Кремница ја следеа низа  број проблеми. Лани беше раскинат договорот со бугарскиот конзорциум, затоа што не го испочитува договорот за завршување на работите до јули 2016 година. По едногодишниот застој, на нов тендер беше избрана австриската фирма Штрабак, од каде ветуваат дека пругата ќе биде готова во предвидениот рок.

„Ние овде практично сме се уште на почеток, немавме среќа со временските прилики на почетокот на годината, но цврсто веруваме дека ќе ја завршиме работата во рок. Можете да очекувате дека до крајот на ноември овде се ќе биде комплетирано“, Златан Ѓурѓиќ, директор на Штрабаг за Македонија.

Министерот Сугаревски најави дека во наредниот период ќе бидат обезбедени над 1 милјарда евра за подобрување на железничкиот сообраќај низ целата држава.

Емилија Мисирлиевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ