
Груевски бил претседател на партија, а не на злосторничко здружување
Целта на „Титаник“ е да се направи судско – политички геноцид врз ВМРО-ДПМНЕ. Вака, Никола Груевски ги започна воведните зборови во случјот во кој е обвинет од СЈО дека местел избори. Спротивно на обвинението вели дека легитимно партијата 10 години ги добивала сите избори со убедлива разлика, тој бил претседател на партија, а не на злосторничко здружување.
„Сите избори беа следени од домашни и странски организации и постојат и извештаи. Претходно се правеа анкети и сите одеа во корист на партијата. Разликите не беа за 500 или 1.000 гласови, туку беа 200.000. Од тука бесмислено е формирање на било каква група која треба да обезбеди 500 или 1.000 гласови, кои што ништо нема да променат во исходот. Обвинението се темели на претпоставки и инсуниации“, вели Груевски.
Груевски се товари дека е организатор на злосторничкото здружување за изборни малверазции, а дел од поранешното високо раководство членови. Одбраната на екс министерката Горана Јанкуловска и пратеникот Илија Димовски побара судот да го земе предвид помилувањето од претседателот Ѓорѓе Иванов. Се повика и на одлуката на Врховниот суд во Грција кој одлучуваше за екстрадицијата на двајцата бегалци Грујоски и Бошкоски а кој ја призна аболицијата како важечка и покрај тоа што е поништена. Го повикаа судот да се изјасни дека судењето воопшто не може да започне поради еднаш дадената аболиција.
Според претседателот на судот Иван Џолев при оценка на обвинението апелацискиот суд се изјаснил за аболицијата и за сега таквото мислење останува на сила. Инаку адвокатката на поранешната заменик министерка за економија Катерина Веловска, ја оспори истражувачлката сторија на новинарите од тогашната А1 телевизија во која објавија дека административците мора да обезбедат сигурни гласачи за партијата. Била изработена на незаконски начин, па смета дека дури требало да платат глоба на државата од 500 до 800 евра. Ги одбива и нивните сведочења за тоа како преставувајќи се дека се јавуваат од центарот за комуникации на партијата докажале дека раководители на институции уценуваат нивни вработени.
Билјана Николовска