
До крајот на јуни ќе се знае кога ќе започне судењето за Крвавиот четврток
До крајот на јуни се очекува Kривичниот суд да го оцени обвинителниот акт за „Крвавиот четврток“ по што доколку биде потврден – предметот ќе биде распореден кај судија кој ќе закаже термин за старт на судењето. Нема пречки овој процес да се тера и во екот на судската ферија бидејќи станува збор за притворски предмет, велат од Кривичниот суд. Според најавите од таму во текот на следната недела ќе биде закажана седница за оценка на обвинението за 27 април, кое Советот може да го потврди или да го вратат во обвинителството за организиран криминал.
Зошто поминаа два месеца од подигнатото обвинение за терористичко загрозување на безбедноста а е уште не е оценето, претседателот на судот Иван Џолев објаснуваше дека до сега се чекало сите обвинети да го примат обвинението и да поднесат приговори. Последен минатата среда бил Никола Митревски Кољо, кој беше во бегство, па сам се пријави во полиција, а неодамна и за него беше поднесено обвинение.
Доколку обвинението добие позитивна оценка триесетина обвинети и нивните адвокати за „Крвавиот четврток“ ќе треба да седнат во новиот Кривичен суд кој откако беше отворен се користат само големите судници, а администрацијата и судиите се уште не се преселени. Но, уште сега проблеми се појавиле. Цевките во тоалетите на првиот кат се се затнати поради што на влата стои напис на англиски „Надвор од употреба“.
Претседателот на судот Џолев објасни дека цевките биле затрупани со бетон и градежен материјал уште додека се градел судот, па имало и паднат малтер во новата зграда поради што се чека да се санираат проблемите, меѓу кои и со телефонската централа и ПП апаратите.
По коментарите за пресудата за Ѓоко Поповски кој доби 9 години затвор за злоупотреба на службената положба, Џолев на брифингот со новинарите изнесе статистика според која од 2014 до сега, за ова дело изречени се 20 затворски казни, за 12 условни, за една ослободителна пресуда, а за една е запрена постапката.
Елена Ивановска Мукоска