
Владината рекострукција в петок во Собрание
Годишнината од изборот, владата на Зоран Заев ќе ја дочека во проширен состав. БЕСА И ДПА, и официјално ќе се приклучат кон владејачката коалиција на собраниската седница за избор на нови министри и заменици-министри, што ќе се одржи во петок, на 1 јуни, точно една година откако премиерот и неговиот тим седнаа во владините фотељи. Деталите за седницата беа дефинирани на денешната редовна понеделничка средба на претседателот на Собранието, Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи, на која повторно не присуствувал претставник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Првин ќе се констатираат оставките на министрите што си поднесоа оставки. Тоа се министерот за култура Роберт Алаѓозовски,министерот за правда, Билен Салии и министерката за образование, Рената Тренеска-Дескоска. Ќе се констатираат и оставките на замениците министри Арта Точи, Елми Азири и Ремзи Мехмети, досегашни кадри на Алијанса за Албанците, кои ја напуштија владејачката коалиција.
Веднаш потоа, ќе се бираат новите министри, меѓу кои повторно ќе биде и Дескоска, која заминува во правда. На нејзино место доаѓа нејзиниот досегашен заменик, Арбр Адеми од ДУИ. На челната позиција во Култура застанува Асаф Адеми од БЕСА, поранешен амбасадор во Данска. Ќе се бира и нов министер без ресор задолжен за странски инвестиции, за која е предложен Бардуљ Даути од ДПА.
Втора точка е изборот на нови заменици-министри. На оваа позиција во министерството за транспорт и врски, ќе седне Сабдик Беќири, иато така кадар на ДПА. Партијата на Турците доби заменичко место во труд и социјала, каде ќе седне Ѓонул Бајрактар. СДСМ и ДУИ направија трампа и за заменик-министерското место во Здравство, каде на местото на Гоце Чакаровски доаѓа Асим Муса. Во министерството за надворешни работи, пак влегува поранешниот градоначалник Андреј Жерновски. Заменичкото место во Министерството за образование ќе остане празно се` додека не биде избран новиот состав на ДИК. За оваа позиција е предложен Петар Атанасов, пратеник од редовите на СДСМ, но не е на списокот затоа што првин ДИК ќе треба да го верификува изборот на пратеникот кој ќе стапи на негово место.
Десетина дена подоцна, пратениците ќе го гласаат етичкиот кодекс на Собранието, кој беше усогласен во рамки на процесот Жан Моне во Охрид. Со тоа ќе се обврзат на основните етички правила и зачувување на угледот на Собранието и на пратениците. Етичкиот кодекс содржи поглавја со начела за почитување на личниот интегритет на другите, основни правила на однесување, правила за спречување на судир на интереси, како и забрана за корупција и на примање на подароци.
Далиборка Дамјанска Цветановска