
Се прославува 1000 години Охридска Архиепископија
Милениумското опстојување на Охридскатa Архиепископија, чија наследничка е Македонската православна црква, ќе биде одбележано со свечена академија што ќе се одржи попладнево во храмот Св. Софија, на која покрај црковните великодостојници ќе присуствува и државниот врв.
Претходно во Св. Климентовиот храм Св. Пантелејмон на Плаошник ќе се одржи молебен. Поради јубилејот, во Охрид од утрово до утре на пладне на сила ќе биде посебен режим на сообраќај.
Кој се гости ќе присуствуваат на одбележувањето на јубилејот 1000 години од постоењето на Охридската Архиепископија, засега со точност не се знае. МПЦ упати специјална покана до БПЦ, на која претходно и упати барање да и биде мајка црква, но и покрај интензивната комуникација во која посредуваа и државните раководства и меѓусебни средби, не се очекува високи претставници на Синодот на БПЦ да присуствуваат на чествувањата во Охрид. Покани биле испратени и до другите православни цркви.
Инаку, како што објави Телма, дел од научната јавност изрази несогласување со одбележување на јубилејот, истакнувајќи дека тој нема врска со древната Охридска Архиепископија. Историчарот на уметност и научен истражувач Гоце Ангеличин Жура изнесе тврдење дека одбележувањето на овој јубилеј не соодветствува со историските факти и ги доведува во прашање постоењето на Самуиловата држава и наследството од Јустинијана Прима, посочувајќи дека Охридаската црква како смостојна постоела пред 1018 година кога по победата над Самуил византискиот цар Василиј ја деградирал од патријаршија во архиепископија.
Горан Момировски