
Димитров утре на средба со министрите од ЕУ
Спорот со името и европската иднина на Македонија утре се на агендата на министрите за надворешни работи на земјите од Европската унија. За текот на преговорите тие ќе бидат брифирани од Високата европска претставничка за надворешни работи, Федерика Могерини. Потоа ќе можат директно да разговараат и со министерот Никола Димитров, кој е поканет на работниот појадок, организиран во рамки на бугарското претседателство со Советот на ЕУ.
Македонското министерство најави дека дискусиите ќе бидат фокусирани на евроинтегративните процеси, имплементација на реформската агенда и на добрососедските односи. Иако МНР директно не најавува, се очекува нашиот министер да има нова средба со грчкиот колега. И медијаторот Метју Нимиц, по дводневните разговори во Њујорк, најави дека дијалогот на министрите Димитров и Коѕијас ќе продолжи во Брисел.
Аналитичарот Исмет Рамадани е оптимист дека процесот може да финишира, со оглед на сериозниот пристап од двете страни. Ваквите интензивни и посветени преговори, вели тој, потврдуваат дека има реални можности да се стигне до решение.
Со предлогот за Република Илинденска Македонија, нашата земја не изгуби ништо, уверува Рамадани. Иако Грција го отфрли, ние манифестиравме сериозен однос кон преговарачкиот процес.
Додека македонската страна молчи, грчките медиуми јавуваат дека преговарачите се враќаат на предлозите од медијаторот Нимиц, дека фаворит е името „Република Северна Македонија“ и дека се бара решение за опфатот. Откако објави дека не е постигнат конечен договор, Нимиц завчера посочи дека двете страни ги застапуваат националните интереси, но ја препознаваат важноста од постигнување договор и одлучни се да го направат тоа.
Соња Николовска