
Ќе се зголемат цените на становите и ќе се намали побарувачката ако Владата го врати ДДВ-то на 18% за продажба на станови
Во Скопје се повеќе и повеќе се гради. Банките велат дека константно висока е и побарувачката на станбени кредити. НБРМ за месец април излезе со извештај кој покажува месечен раст од 1,1 процент на одобрени станбени кредити кај физички лица. Тој на годишно ниво изнесува 15,4 проценти.
Догодина, се заканува отежнато решавање на станбеното прашање кај младите заради повисоки цени на становите, доколку ДДВ-то за продажба на станбен простор се врати на 18 проценти.
Од Градежната комора ја повикуваат Владата што поскоро да го реши ова прашање и ДДВ-то да остане на 5 проценти се’ до 2023 година – и заради оние кои планираат да купат стан, но и заради реализација на проектите на градежниците.
„Намалување на приходот во буџетот по основа на данок на додадена вредност што се остварува од производство и промет на градежни репроматеријали, суровини и опрема што се вградува во новите станови, како и по основа на данок на добивка поради стагнација на пазарот на недвижности, односно станови и намалување на прометот. Дополнително, станбеното прашање на младите потешко ќе се решава и тие ќе заминуваат од државата“, вели заменик претседателот на градежната комора Зоран Азманов.
Проценките се дека евентуалното зголемување на ДДВ-то од 5 на 18 проценти ќе предизвика поскапување на становите за околу 13 проценти.
Статистика измери дека во просек, цената на еден квадратен метар станбена површина е околу 680 евра. Но, огласите за продажба на интернет покажуваат дека некаде се продаваат станови и за цена речиси двојно повисока, зависно од местоположбата и опременоста на станот.
Петар Догов