Ципрас: Ако добиеме одредница пред Македонија ќе биде голема победа за нас

Во преговорите не одиме да го дадеме името Македонија туку одиме да земеме назад нешто што е дадено пред 70 години, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас од Солун, по средбата со солунскиот градоначалник, Јанис Бутарис.

„Се наоѓаме во преговори кои што се чувствителни, критични, направени се чекори напред. Ние одиме напред бранејќи една национална позиција и кога веќе се наоѓам во Солун, во Македонија, сакам да кажам, затоа што слушам некои што велат не го давајте името. Ние тука се стремиме да добиеме нешто назад, а не да дадеме нешто. Да земеме нешто што веќе 70 години е дадено, од други, не од нас“, рече грчкиот премиер.

Ципрас смета дека името без одредница, „упатува на античкиот грчки свет и на големото културно наследство на грчката Македонија“, а во преговорите целта на Атина е ова да го добие назад, но опозицијата го обвинува дека потфрлил во сите преговори кои ги водел во името на Грција.

„Имаат државен ентитет што 70 години се вика Македонија, а немаат никаква врска со Александар Велики и со овој историски тек. Имаат словенски и албански корени и го признаваат тоа. Што значи, ако добиеме одредница пред името Македонија е голема победа и уште поголема да се договориме дека едно е нашата Македонија што доаѓа од долгата традиција на грчкиот антички свет, а друго е нивната традиција и нивниот културен знак“, рече Ципрас.

По вчерашните шест часа разговорите во ОН на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, со медијаторот Метју Нимиц, продолжуваат денеска. По маратонските разговори изјава не даде никој а министрите се повлекоа за да ги информираат своите влади. Според грчките медиуми движечка сила зад оваа рудна преговори се САД и ЕУ, кои пристискаат средбата во Њујорк да донесе решение.

„Нивната порака до двете страни беше дека состанокот во Њујорк мора да донесе решение. Тие го предупредија Заев дека ако дојде до ќор-сокак, ПЈРМ со години ќе остане надвор од НАТО и нема да има датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ. Тие, исто така, ја предупредија Атина дека ако не успеат да заземат конструктивен став, ќе преземат одговорност“, пишува грчкиот весник „Прототема“.

Средбата во Њујорк следи по минатонеделните разговори на премиерите на двете земји на Самитот во Софија на кои опцијата „Република Илинденска Македонија“ беше издвоена како најприфатлива. Македонската страна останува на ставот дека тоа е добар предлог за конечно решение, додека грчката го отфрли предлогот и нагласи дека преговараат врз основа на четирите имиња од пакетот – предлози од Нимиц.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ