Бежоска ја презеде функцијата гувернер на НБРМ

Човекот на кој со години наназад не можеше да му се забележи никаков израз на ликот дури и кога соопштуваше непријатни вести, денеска си дозволи да ја покаже и својата емотивна страна. Секогаш одмерен и наизглед студен во однесувањето, досегашниот гувернер на НБРМ, Димитар Богов без воздршка покажа многу чувства кон најблиските соработници со кои седум години ја градеше макроекономската политика.бСега вели ќе се одмори од се, па потоа ќе размисли каде ќе ја продолжи кариерата. Мандатот, ќе го памети по два силни негативни шока.

„Најлош момент е политичката криза во 2016 и шпекулативниот напад врз денарот, голем тест кој го решивме, најдобар соработката со вработените“, рече Димитар Богов екс гувернер на НБРМ.

Кормилото на Централната банка од него го презеде довчерашната вицегувернерка Анита Ангеловска Бежоска. Таа му се заблагодари на претседателот Иванов за неговата номинација но и на сите политички партии кои го поддржаа нејзиниот избор. Вети дека како петти гувернер ќе продолжи таму каде застана Богов,по патеката на градење стабилна и независна монетарна политика.

„Пред мене стои предизвикот за спроведување успешна и независна монетарна политика во насока на остварување на законски гарантираните цели на НБРМ, а тоа се ценовната стабилност, за која сметаме дека е најдобриот придонес што може да го даде во општеството и тоа преку стратрегијата на одржување стабилен девизен курс на денарот, стабилност на банкарскиот систем, а преку тоа директно давајќи придонес за целокупната финансиска стабилност во нашата економија“, изјави Анита Ангеловска Бежоска гувернер на НБРМ.

Бежоска како прва жена гувернер ја доби довербата од сите политички партии во парламентот, а утрово пред спикерот Џафери положи заклетва. Таа кариерта ја градеше најпрво во Министерството за финансии, ММФ а потоа во НБРМ како вицегувернер.

Виолета З. Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ