ДВ: Меркел разговарала по телефон со Заев и Ципрас

Вжестени телефонски линии Берлин – Атина – Скопје пред новата рунда разговори во Њујорк. Канцеларката Меркел вчера телефонски разговарала со македонскиот и со грчкиот премиер, потврдуваат за Дојче веле од прес-службата на Меркел без при тоа да дадат повеќе детали. Германската канцеларка само пред неколку дена во Софија имаше одвоени средби со Ципрас и со Заев, а вчерашните телефонски разговори следуваат по реакциите во јавноста откако беше објавено новото предлог-решение. За името Република Илинденска Македонија официјална Атина се изјасни дека е потребно да се најде име кое што ќе содржи географска или временска одредница. Меркел во Софија порача дека се радува што слуша дека добро напредуваат разговорите меѓу Македонија и Грција. „Обете земји сторија многу во правец на значителен напредок, иако сѐ уште не се на целта”, рече таа минатиот четврток.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас по средбите со американскиот државен секретар Мајк Помпео и помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел рече дека Грција ја поддржува потребата да се прифати име од предлозите на Нимиц со што индиректно го отфрли името „Република Илинденска Македонија“, исто како што Грција отфрли и еден од петте предлози на медијаторот Метју Нимиц за името „Република Македонија (Скопје)“.

Ние ја поддржуваме потребата да прифатиме едно од имињата што ги предложи Нимиц. Не се согласуваме, како што знаете, со петтото име од неговите предлози, и да одиме напред кон усвојување на еден стратешки план за пријателска соработка со оваа земја во иднина, со нејзиното ново име, рече Коѕијас.

По средбите во Вашингтон Коѕијас пред грчките медиуми рече дека „никој не ја тера Грција на ништо“ во однос на затворањето на прашањето.

Од денеска во Њујорк е и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, каде што треба да се сретне со неговиот грчки колега, тој објавувајќи ја мапата на патувањето на Фејсбук напиша „Пуштајте ми ве молам мудрост и нерви“. Преговорите продолжуваат со посредство на медијаторот Метју Нимиц, а средбите се најавени за в четврток и в петок.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ