
Димитров бара мудрост и нерви, Коѕијас – да прифатиме еден од предлозите на Нимиц
Грција ја поддржува потребата да се прифати име од предлозите на Нимиц, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во изјава за грчките дописници од САД, по средбата со американскиот државен секретар Мајк Помпео.
Со оваа изјава и Коѕијас индиректно го отфрли името „Република Илинденска Македонија“, исто како што Грција отфрли и еден од петте предлози на медијаторот Метју Нимиц за името „Република Македонија (Скопје).
-Ние ја поддржуваме потребата да прифатиме едно од имињата што ги предложи Нимиц. Не се согласуваме, како што знаете, со петтото име од неговите предлози, и да одиме напред кон усвојување на еден стратешки план за пријателска соработка со оваа земја во иднина, со нејзиното ново име, рече Коѕијас.
Шефот на грчката дипломатија објасни дека за прашањето со името не разговарал со американскиот државен секретар Помпео, туку тоа било тема на средбите, вчера и завчера, со помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел. Коѕијас не открива што точно разговарале со Мичел, но вели дека „никој не ја тера Грција на ништо“ во однос на затворањето на прашањето.
„Пуштајте ми ве молам мудрост и нерви“ напиша министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на својот фејсбук-профил пред да отпатува за Њујорк, каде што треба да се сретне со неговиот грчки колега Никос Коѕијас. Преговорите продолжуваат со посредство на медијаторот Метју Нимиц, а средбите се најавени за в четврток и в петок.