
Ослободителна пресуда за Заев – втора амнестија според ВМРО – ДПМНЕ
Ослобoдителната пресуда на Заев судијата Дарко Тодоровски ја образложи со тоа дека обвинителството не го докажа обвинението за поткуп. Отпаднаа и доказите од посебните истражни мерки, добиени со тајно снимање и следење затоа што обвинителството на минатото рочиште го смени делото од примање поткуп во друго поблаго за барање поткуп за што е предвидена казна од најмногу 5 години затвор. За ова дело законот не предвидува посебни истражни мерки, кажа судијата Дарко Тодоровски.
Судијата го анализираше и сведочењето на бизнисменот Иван Николов Сачавалиев. Потенцираше дека дал контрадикторни изјави. Го цитираше исказот на бизнисменот дека тој го терал Заев да зборубаат за пари за да го сними. За Заев слушањето на пресудата му било трауматично, но излегол среќен .
„Трауматичен е моментот, но сум среќен заради тоа што добив ослободителна пресуда. Среќен сум поради тоа што конечно ја докажав мојата невиност и дочекав правда. Му го посакувам тоа на секој граѓанин во Република Македонија при независно судство, во транспарентни постапки како што беше мојата за предметот „Поткуп“, изјави Заев.
Премиерот вели дека ослободителната пресуда ја очекувал затоа што ја докажал својата невиност, а не затоа тоа што е договорена со судот како што обвинуваше претходно експремиерот Груевски.
„Господинот Никола Груевски едно време беше добар познавач на судството. Сега веќе не е исто судство што тој го контролираше“, рече Заев.
Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Велат Заев е по втор пат амнестиран политичар за очигледен криминал а пресудата ја нарекоа неправда. Обивнија дека судството под политички притисок на власта
„Денешната одлука на судот е потценување на секој граѓанин кој го слушна сведочењето на оштетениот бизнисмен кој под заклетва тврдеше дека Зоран Заев во својство на градоначалник му барал поткуп за секој квадратен метар земјиште и тоа по едно евро за црквата, едно евро за партијата и едно евро за Вице“, кажа портпаролот Наум Стоилковски.
Обвинителот Љубомир Јоевски вели дека ќе ја причекаат писмено образложената пресуда пред да одлучат дали ќе се жалат на одлободителната пресудата.
Елена Ивановска Мукоска