Грција индиректно го отфрли предлогот за „Илинденска“, инсистира на временска или географска одредница

„Република Илинденска Македонија“ засега нема да биде решение на спорот. Грција официјално, но индиректно, го одби предлогот со рефернцата „Илинденска“ со образложение дека е иредентистички и инситира на веќе познати две опции, временска или географска одредница. Откако опозициските партии веднаш го отфрлија предлогот, вчера вечер грчката влада лиферуваше соопштение во кое ја поздрави одлуката на премиерот Заев со која би се прифатило име за севкупна употреба и најави дека преговорите продолжуваат.

Според грчките медиуми, „Горна“ и „Нова Македонија“ се двете опции кои повторно се враќаат на маса откако официјална Атина соопшти дека треба да се најде взаемно прифатливо решение како што предвидува пакетот од пет предлози на медијаторот Нимиц за кои е познато дека ги содржат овие две одредници.

Грчкиот весник „Та Неа “ пишува дека овие две солуции имаат најголеми шанси иако имале „ негативна тежина“ но далеку помала од „Илинденска“ а тоа би било клучно во договорот меѓу премиерот Ципрас опозицијата.

„ Грција се чини дека бара излез во други опции, а конкретно, силното „не“ турка кон почетните предлози што беа доставени, особено Горна Македонија и Нова Македонија, без превод и секако за севкупна употреба. Секако, некои потенцираат дека временската одредница – Нова има повеќе шанси“, пишува „Та Неа“.

Медиумите во Грција пишуваат дека преговорите продолжуваат идната недела во Њујорк, речиси од почеток, каде што застанаа министрите Димитров и Коѕијас. Во Софија пак, премиерите Заев и Ципрас најавија повторна средба на почетокот на идниот месец.

Грчкиот премиер Ципрас вчера имал телефонски разговор со американскиот потпретседател Мајкл Пенс кој го поддржал во напорите за решавање на спорот и му се заблагодарил за покажаното лидерство, заедно со она на премиерот Заев, во нивниот обид да го решат деценискиот спор. Според грчката национална телевизија ЕРТ, Пенс соопштил дека ги поддржува предлозите на медијаторот Нимиц за решавање на спорот.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ