Илинденска Македонија – проба или решение?

“Република Илинденска Македонија“, дали е ова е предлогот за решение на спорот со името, не потврдува ниту македонската, ниту грчката влада, но и никој не демантира. Единствена официјална реакција стигна од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас дека за Грција е најважно ерга омнес и уставни измени.

„Дискусијата за било какво име е празна содржина, ако прво не се исполнат двата основни предуслови: ерга омнес со уставна ревизија е неопходен предуслов за да постои договор. Спроведувањето на уставната ревизија е неопходен предуслов за интеграција во меѓународните организации“.

Во македонските политички кругови молк откако медиумите објавија дека името Република Илинденска Македонија  го договориле премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на средбата во Софија. Политичките лидери и во Скопје и во Атина очекуваат утре лично да ги информираат двајцата премиери која опција за решение утврдиле дека може да биде прифатлива за двете земји.

Од предлогот кој до сега не се појавувал како решение во преговорите затечена е јавноста и во двете земји. Потврда дека Ципрас и Заев го ставиле овој предлог на маса во Софија дојде од бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захараиева која вели дека и за нив е ново, но и дека на Бугарија не би и пречело.

Јавноста бурно реагираше  на социјалните мрежи,  додека експертите се воздржани очекувајќи официјални инаформации од државниот врв. Професорот по меѓународно право Тони Дескоски само кусо коментира дека решението е позитивно. Професорот Владимир Божиновски е изненаден што наместо географска, се појави историска одредница.

Она што го соопштија Заев и Ципрас  по долгите разговори во Софија, беше дека целта е да се дојде до решение до крајот на јуни и дека решението ќе биде комплетно со  името, јазикот, идентитетот и опсегот на употреба. Според сценаријата што кружат, следниот чекор би било потпишување Меѓународен договор кои ќе го гарантираат Обединетите Нации и Европската Унија.

Сања Васиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ