Што напишаа грчките медиуми за средбата Заев-Ципрас?

Потпишување меѓународен договор, рок за промена на Уставот, со Европската унија како гарант, е сценариото за решение меѓу Скопје и Атина, кое се споменува во новинарските кругови во Грција, а го објавуваат и дел од медиумите кај јужниот сосед, меѓу кои и телевизиите „Антена“ и „Стар“, јави дописничката на МИА од Атина.

– Доколку има успешен завршеток, следните чекори на планот за решение ќе бидат: потпишување Меѓународен договор со преоден период за промена на Уставот, а гаранти ќе се ОН и Европската унија, додека, пак, во однос на името, предлогот Горна Македонија е на масата, а одново влегува и името Нова Македонија, објави вчера грчката телевизија „Стар“, во синоќешното централно издание на вестите.

– Меѓу сценаријата што кружат е и тоа за потпишување и ратификација во двата парламенти на еден меѓународен договор, во кој не е исклучено Европската унија да влезе како гарант, за да се гарантира дека ќе се запази рокот, но и чекорите кои Скопје ќе биде обврзано да ги направи за да се вклучи ерга омнес, односно дека новото име ќе биде едно за севкупна употреба, објави телевизијата „Антена“.

Откако самиот грчки премиер откри дека со неговиот македонски колега останале будни цела ноќ, грчките телевизии објавија дека Заев и Ципрас разговарале од 12 часот на полноќ, до 3.30 наутро, во хотелот во кој престојувале и двајцата, веднаш по работната вечера на европските социјалисти, во средата вечерта.

Во прилозите во централните изданија на синоќешните вести, новинарите акцентот го ставија на позитивната и конструктивна средба, на Самитот на ЕУ како краен рок за договор и месец јуни како одлучувачки за решение, но и на договорот што евентуално би се потпишал во Преспа, а ги пренесуваат и изјавите на двајцата премиери.

– Слушнавме две различни варијанти и тоа ги изненади сите, коментираше новинарот од грчката државна телевизија „ЕРТ“ во однос на изјавата на македонскиот премиер, кој рече дека постои една прифатлива опција за решение и на грчкиот премиер, кој потенцираше дека има напредок, но е рано да се говори за договор.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ