
Околу 2000 доктори ја напуштиле земјата, Министерството за здравство подготвува мерки
Анализите на Министерството за здравство за изминатите неколку години покажуваат дека близу 2000 доктори заминале од земјата. Филипче вети дека годинава ќе следи зголемување на платите за здравствените работници, како дополнување на зголемувањето на парите кои тие ги добиваат за дежурства.
Во план е и подобрување на системот на едукација, со обуки од странски експерти од областа на медицината. Ќе биде потпишан договор со Универзитетската болница во Франкфурт, а се подготвува и договор за соработка со Министерството за здравство на Република Бугарија.
„Сите мерки што ги планираме се во насока докторите да останат и да работат во нашиот здравствен систем. Прво се зголемија парите кои ги добиваат за дежурства. Има сериозно зголемување на процентот на пари вкупно кои докторите, но и мединските сестри ги земаат на крајот на месецот. Ова е без зголемувањето на платите кое ќе биде во септември. Значи, ќе има уште едно зголемување на сумата која ќе ја земаат здравствените работници во сите јавни здравствени установи“ кажа Венко Филипче, министер за здравство.
Овие мерки на Министерството за здравство се во насока на тоа докторите и медицинските сестри да останат и да работат во македонскиот здравствен систем.