Почнува дијалогот Жан Моне

Напредокот во разговорите за името ќе биде неизбежна тема и на дводневниот  охридски дијалог власт – опозиција. Ова е очекувано бидејќи утре  лидерите Заев, Мицкоски, Ахмети, Села, Тачи и Касами за прв пат ќе седнат на иста маса по софиските случувања.

Во текот на денот, различните видувања околу Собранискиот Деловник, Етичкиот кодекс и независниот Парламент ќе ги презентираат спикерот Џафери, тројцата потпретседатели, координаторите на пратеничките групи и други пратеници. Во работните групи, некои теми веќе беа апсолвирани, со ограничување на времетраењето на конститутивната седница, попрецизни рокови во постапките за интерпелација и при носењето буџет.

Партиите се уште имаат различни мислења дали треба да се ограничи расправата по законите на три или на пет дена, дали ќе се зголемат условите за  законите по скратена постапка, кога предлозите на опозицијата ќе добијат приоритет, ќе има ли реформа на пратеничките прашања, ќе се редефинираат ли правилата за организирање во пратенички групи, дали ќе се бара одговорност за прекршување на Деловникот и слично. Дел од пратениците инсистираат на самостоен Парламент, кој ќе биде институционално независен од Владата, со сопствени финансии, опрема, служби и свое обезбедување.

Дијалогот е замислен како подобрување на дијалогот власт- опозиција и политичко култивирање на нивните односи. Го иницираат тројцата европратеници Вајгл, Кукан и Флекенштајн, во рамки на процесот Жан Моне.  Првиот термин беше јануари оваа година, па март, но конечно во мај беше добиена согласност од сите партии. Состанокот почнува вечерва, во присуство на амбасадорот Жбогар и со видео обраќање на еврокомесарот Хан.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ