
Да не се менува македонскиот јазик во преговорите со Грција – бара МАНУ
Првиот акдемик Таки Фити бара македонскиот јазик во преговорите за името со Грција да биде запишан на англиски, поточно – Macedonian, односно како што веќе е запишан во Обединетите нации.
„Не можеме ние да прифатиме и тоа е став на МАНУ, кога се зборува за јазикот на земјата да се пишува на латиница и да се изговара онака како што ние го изговараме – македонски. Тој мора во Обединетите Нации да биде формулиран како – „Macedonian language“. Тоа е став што навлегува во суштинските идентитетски прашања и тука нашите сугестии до Владата се апсолутно јасни и цврсти“, вели Фити.
Очите на меѓународните партнери се вперени кон Софија каде се одржува Самитот на Европската унија и Балканот. Еврокомесарот Јоханес Хан за грчкиот весник „Та неа“ посочи дека верува во можно решение, иако оваа средба нема да биде пресудна туку поважно е да се дојде до квалитетен компромис.
„Со оглед на напорите што ги вложија двете страни со посредство на Нимиц, убеден сум дека може да се најде решение. Дали тоа ќе се случи уште во Софија не е одлучувачката точка, тоа што е важно е квалитетот на договорот. Доколку е изводливо во Софија, ќе биде уште подобро. Но, најважна е одлучноста на двајцата лидери да стигнат до компромис прифатлив за двете земји. Решението не е добро само за ПЈР Македонија, туку и за целиот регион“, вели Хан.
Во пресрет на тет-а-тет средбата и дали таа е на вистинскиот курс американскиот амбасадор Бејли за Телма истакна дека поддршката на САД за македонско членство во НАТО и натаму е највисоко ниво.
„Ние ги поддржуваме македонските аспирации за приклучување во НАТО веќе 25 години, секако очекуваме и сакаме да напредувате“, одговори Бејли.
Главна цел на утрешниот самит во Софија е да се даде нова енергија во евроинтеграциите на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, како и поддршката од европските партнери.
Христијан Станоевиќ