
Заев ја почнува посетата на Софија, во фокусот средбата со Ципрас
„Демократија што испорачува: Десет години после откочувањето на потенцијалите на Западен Балкан“ е темата на која премиерот Зоран Заев ќе говори денеска на конференција во Софија, со што ќе ја почне својата посета на главниот град на Бугарија, кој утре е домаќин на Самитот ЕУ- Западен Балкан.
Конференцијата на која ќе говори премиерот е во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и на тинк-тенк организациите Центар за демократски студии и Балканскиот европски фонд, како и на Самитот на лидери и шефови на влади на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), а е дел од активностите на Заев во Софија, кој ја предводи владината делегација на самитот.
Поврзаност во транспортот, енергијата и дигиталната инфраструктура, образованието и други аспекти се теми на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, а кој се одржува во организација на бугарското претседателство со ЕУ. На самитот ќе присуствуваат лидерите на државите-членки на Унијата и од регионот. Со самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, кој ќе ја претставува ЕУ, заедно со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.
Премиерот Заев во придружба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе учествуваат во активностите на официјалната агенда на Самитот на 17 мај.
Во фокусот на вниманието е најавената средба меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Заев и Алексис Ципрас, која треба да се одржи утре на маргините на самитот и која иако беше најавувана како клучна во процесот на решавање на спорот за името, сепак, последните изјави и од македонската и од грчката страна се проткаени со воздржаност дека токму оваа средба ќе вроди со конечен договор за името.
– Сакам договор за мојата земја, оптимист сум и еден од првите луѓе кој го сака тоа, но не можам да кажам дека имаме договор за прашањето за името, изјави вчера Заев и изрази надеж дека двете страни ќе постигнат договор.
– Се надевам дека ќе имаме договор. Успехот што досега го постигнаа министрите за надворешни работи е за почит. Се надевам дека токму на маргините на Самитот на ЕУ и Западен Балкан и на средбата што ќе ја имам со грчкиот премиер Ципрас ќе можеме да ги потврдиме досегашните успеси и ако не друго да проговориме за начините за изнаоѓање на решение, рече Заев.
Во контекст на тоа додаде дека сака уште еднаш граѓаните да знаат дека Самитот во Софија не е „краен рок“, туку пред се Самитот на Советот на ЕУ кога се одлучува од страна на премиерите или на претходниот состанок на Советот на ЕУ кога се очекуваат првите правно-формални одлуки кои се однесуваат на Македонија, а тоа е добивање датум за преговори.
Ципрас, пак, вчера имаше телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет Туск околу напорите за изнаоѓање решение, како и за подготовките за претстојниот Самит на ЕУ- Западен Балкан.