Влатко Ѓорчев сведочеше како му ја напишал крвната група на Села на крвавата блуза

Повеќе од 2 и пол часа пратеникот Влатко Ѓорчев сведочеше за насилствата во прес салата во Собранието. Како сведок за обидот за убиство врз Зијадин Села на крвавиот четврток, Ѓорчев истакна дека од трети кат во Собранието го префрлиле тешко повредениот Села во пратеничкиот клуб на приземје.

„Комуницирав со Села, но тој тешко зборуваше. Го прашав која крвна група е и тој ми ја кажа. Со пенкало ја запишав крвната група на блузонот во кој беше облечен Села. Мислев ако е потребно да се изврши трансфузија, во болница да не губат време“, истакна Ѓорчев.

Пратеникот Ѓорчев исто така посочи дека не видел кои се лицата кои го нападнале Зијадин Села и како тој бил извлечен од групата на пратеници кои беа приклештени во прес салата. Само кратко истапил неколку чекори и забележал висок крупен маж како лежи на подот со лицето надолу, по што како што рече се вратил во кордонот да ги брани нападнатите пратеници. Ѓорчев вели дека слушнал истрел од пиштол кој ја подигнал тензијата кај сите присутни во ходникот пред прес салата.

Во сведочењето Ѓорчев потенцираше дека обвинетиот Александар Јаневски Тошта бил еден од првите што застанал во активна одбрана заедно со други лица.

„Тошта цело време стоеше до мене и активно ги бранеше луѓето. Не само што се туркаше дури туку и апелираше со зборови да престанат“, рече Ѓорчев.

Целиот напад траел околу два часа по што се слушнале експлозии од шок бомби.

Обвинетиот Тошта на пратеникот Ѓорчев му се заблагодари за сведочењето.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ