Чавков за инцидентот во струмичката кафеана: „Конструкција“

Со еден збор, екс министерот Митко Чавков, по излегувањето од судот каде се пријави како обвинет за 27-ми април, го искоментира инцидентот во кафеана во струмичко од петокот кога неговото друштво –полицајци беше обвинето за напад врз граѓанин.

Струмичанец кој го пријавил инцидентот тврдел дека Чавков му се обратил со зборовите –Што ме сликаш, а потоа неколку полициски началници кои биле со поранешниот министер, го совладале и го легнале на земја. Чавков пак тврди дека е конструкција и дека пријавувачот кој сега се жали на него, всушност дошол да го провоцира. Случајот ќе биде расветлен за ден- два, ни изјавија телефонски од СВР Струмица. Земени се изјави од сведоци и од пријавените полицајци. Нивната верзија се разликувала. Земени се и снимки од безбедносни камери од угостителскиот објект каде бил инцидентот. Пријавувачот приложил и медицинска документација за повреди. На крај од постапката че се знае дали случајот ќе биде затворен со прекршочна пријава или со кривично гонење. Бидејќи 5-мина полициски службеници учествувале во инцидентот веднаш е вклучена и внатрешна контрола, која доколку се утврди непрофесионално постапување на полицајците може да отвори дисциплински постапки. На почетокот на мај, екс министерот Чавков беше пуштен од притвор со гаранција од 585 илјади евра во недвижен имот. Тој е 6-то обвинет за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ за крвавиот четврток. Една недела по пуштањето беше пријавен инцидентот кај Колешинските водопади.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ