
Традиционално бадникување
Бадник традиционално и оваа година беше одбележан со Собир пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Присутните граѓани имаа можност да ги пречекаат стариот и новиот кум, по што во Соборниот храм се одржа свечен чин каде архиепископот охридски и македонски г. г Стефан ја одржа традиционалната беседа, во која порача да се вратат цивилизациските вредности.
„Ниедно време чинам немало толку војни и закани меѓу народите, како во ова нашево. Ниедна генерација не памети такви насилства и геноциди, прогонства и преселби по верска и национална основа, не памети такви уништувања на материјални и цивилизациски вредности, како во овие наши дни“, вели .г. г Стефан, архиепископ охридски и македонски.
Бадниковата вечер и Божиќ се ретка можност за зближување со семејството и пријателите и токму затоа тие имаат посебна важност за многумина. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер во пресрет на Божиќ.
„Верниците се собираат во своите домови на бадникова вечера со еден благослов годината што претстои да биде мирна, спокојна, семејствата да им бидат исто така здрави. Кај нас е традиција во погачата да се стави една паричка кое домаќинот традиционално го прекршува“, изјави отец Стефчо.
Во рамките на прославата на Бадник и Божиќ низ улиците на сите градови во Македонија втор пат се одржа манифестацијата „Бадникови поворки“ на кој во Скопје земаа учество 7000 деца. Граѓаните се подготвуваат за утрешната прослава на Божиќ, најголемиот христијански празник со надеж за здравје и многу радости во годината која претстои.
Нина Стефанова