
Обвинител од САД и експерт за односи со јавноста ќе ги учат македонските обвинители и судии на транспаретност
Двајца американски експерти ќе обучуваат македонски обвинители и судии како да бидат потранспарентни, да даваат изјави и информации кои јавноста треба да ги дознае преку медиумите. Ени Шварц, која во својата долгогодишна кариера работела и како новинар, но и односи со јавност во полицијата во Милвоки и министерството за правда во Висконсин, вели искуството покажува дека институциите што се поотворени за јавноста имаат поголема довера.
„Никогаш не е добро кога јавноста ќе изгуби доверба во Владата, во полицијата или судиите. Како и да е не е добро кога јавноста ќе изгуби доверба. Наша работа е да најдеме начин како да ја вратиме довербата во нашите институции со тоа што ќе бидеме транспарентни, со тоа што ќе ги научиме, или да одговараат што побрзо кога се бара информација“, кажа Ени Е. Шварц, поранешен директор за комуникации на министерство за правда на Висконсин.
Кристофер Лигл, долгогодишен обвинител кој следната недела ќе ги запознае дел од македонските колеги, порачува дека транспарентноста е битна затоа што граѓаните немаат најчесто време или можност да дојдат во судниците и да видат како работатат, затоа треба информациите да ги добијат преку медиумите.
„Ние работиме за јавноста како јавни службеници. Јавоста не плаќа и имаме обврска да им дадеме доволно информации за да ја оценат нашата работа дали добро ја работиме, дали ја исполнуваме мисијата, и само преку отвореност и транспарентност можеме да им дадеме доволно информации за да ја направат евалуацијата“, кажа Кристофер Лигл, помошник јавен обвинител, министерство за правда, Висконсин.
Судии и новинари изминатите денови на работилница организирана од Здружението за судии и амбасадата на САД, диксутираа за поголема отвореност на правосудството. Новинарите порачаа дека тие се очите на јавноста која ја запознаваат со сите случувања кои се од јавен интерес и истоверемено се и коректив на судството. Во зародиш е и идеја да се формира судско медиумско тело со цел да ја подобри комуникацијата мегу судовите и медиумите.
Елена Ивановска Мукоска