Етички кодекс за угледен Парламент

Етичкиот кодекс е збир на правила кои треба да му помогнат на пратеникот да избегне конфликт на интереси или постапки кои ќе го урнат неговиот углед кај граѓаните. Велика Британија го има од крајот на 19-от век, Франција од пред 7 години, а Македонија сака да го воведе оваа година. Поранешниот етичар во Француското Собрание, Фердинанд Мелан-Сукраманиен, кој своите искуства ги презентираше пред македонските пратеници, вели дека оваа институција е советодавна и превентивна.

„Пратеникот може да му се обрати на етичарот и да му каже, на пример: „Ми предлагаат акции во едно приватно претпријатие, кое има договори и со државата. Што мислите?“ Етичарот ќе му советува да не прифаќа бидејќи тоа може да биде основа за конфликт на интереси. Да објаснам: етичарот не е судија – ако пратеникот го прекрши законот, ќе одговара“, кажа Фердинанд Мелан-Сукрамание, поранешен етичар во Националното Собрание на Франција.

Етичарот настапува со совет и превентивно.

„Етичарот дава усмен совет. Од сите пратеници бара анкетен лист. Треба да се пријави секој подарок што има одредена вредност, во Европската унија тоа е над 50 евра. Се пријавува и секое патување финансирано од приватно претпријатие или од друга држава. Се води сметка за транспарентноста и чесноста на пратениците и на целото Собрание“.

Професорот по уставно право и етичар од 2014-та до 2017-та вели дека секој ден имал работа, зашто на француските пратеници постојано им требал неговиот совет.

„Етичарот е обврзан на доверба. Не може да каже каков совет му дал на пратеникот. Мојата претходничка велеше дека етичарот е некој вид „секуларен исповедник“, бидејќи разговорот е доверлив. Граѓаните се информирани за пријавените потешкотии, но имињата остануваат тајна“.

Во Франција, слично како во Македонија, јавноста реагирала заради големите надоместоци за патните трошоци на пратениците.

„И кај нас имаше одредени реакции поради патните трошоци. Последна вест е дека пред помалку од една година новиот Претседател на Собранието реши да ги смени правилата за патните трошоци и да ги ограничи. Таа проблематика е честа и се појавува секаде“.

Етичарот се бира по предлог на спикерот, но со согласност на опозицијата и со мнозинство од 3 петини. Уверен е дека може да се најдат личности кои уживаат таква доверба.

„Не сум размислувал за тоа. Не мислам дека етичарот треба да биде човек од надвор, од некоја друга земја, тој треба да биде од вашата земја. Но, би бил пресреќен ако можам, со помош на француската амбасада, да помогнам во тој процес со совети. Тој процес е важен елемент при вреднувањето на вашата кандидатура за влез во Европската унија“.

Првиот собраниски етички кодекс во Македонија веќе е во нацрт верзија. Неговите решенија пратениците ќе ги разгледуваат заедно со новиот нацрт Деловник во рамки на дијалогот Жан Моне. Пратеници од сите партии потврдија дека од 17-ти до 19-ти мај во Охрид ќе учествуваат во разговорите. На 18-ти ќе им се придружат и лидерите на партиите. Иницијатори на дијалогот се неколку европратеници, кои неколку пати го одложуваа терминот се додека не добија согласност од сите парламентарни партии.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ