
Нимиц: Беше жестоко, но завршивме и нешто позитивна работа
Беше жестоко, но завршивме и нешто позитивна работа, ќе кажe посредник Метју Нимиц во кратката изјава после 6 –часовната средба со Коѕијас и Димитров. Двајцата министри со зашиени усти, имаат задача да ги брифираат премиерите на двете земји во пресрет на нивnата средба на самитото ЕУ-Западен Балкан во Софија, на 17-ти мај.
„Можам да ги опишам разговорите како мошне сериозни, напорни, жестоки во неколку наврати, завршивме и нешто позитивина работа, и двајцата министри ќе ги брифираат нивните премиери, како дел од подготовките за средбата на двата премиери во Софија следната недела, на 17 месецов“, кажа Нимиц.
Во пресрет на средбата на шефовите на македонската и грчката дипломатија со медијаторот Метју Нимиц, грчките весници „Катимерини“ и „Та неа“, во нивните денешни изданија објавуваат слични анализи, околу можно сценарио за постигнување договор и одреден временски период за ратификација од македонска страна.
Постигнување договор сега и постепено комплетирање за две години се двете карактеристики на сценариото што се наоѓа на маса кое го објавува саботното издание на грчкиот весник „Та неа“.
„При првото читање, најважниот елемент на оваа верзија на договорот е појавувањето на намерата на соседите да го прифатат за севкупна употреба (ерга омнес) името што ќе се договори (преовладуваат имињата Горна Македонија, Нова Македонија), пишува весникот и коментира дека македонската страна го менува ставот за употреба на уставното име во внатрешноста на земјата“.
Според информациите на весникот, договорот не може да биде сега и веднаш туку се дава време, најверојатно две години за имплементација на ерга омнес. Македонската страна сметала, пишува „Та неа“, дека овој временски период од две години е задоволителен за да се направат потребните уставни промени, дали со или без распишување на избори.
И Катемерини пишува за слично сценарио во преговорите, односно, да и се даде доволно време на Македонија за да го одобри ерга омнес и да направи уставна ревизија.
„Врз база на ова сценарио, кога ПЈРМ ќе ги одобри овие две предвидени точки, особено важни за Атина, тогаш автоматски соседната земја ќе се приклучи во НАТО и ќе ги започне пристапните разговори со ЕУ (секако, доколку Брисел упати соодветна покана)“, пишува „Катимерини“.
Според грчките медиуми, Македонија за возврат бара да се обезбедат итни опипливи резултати, односно влез во НАТО и почеток на пристапни преговори со ЕУ.
Ивор Мицковски