Матејиќ: Не е фантазија да очекуваме дека струјата ќе поевтини

И јас сум оптимист и го делам мислењето на вицепремиерот Анѓушев дека со формирањето на единствениот пазар има изгледи електричната енергија да поевтини, тоа може да донесе бенефит од пошироки размери за регионот, вели во интервју за Телма, Јелена Матејиќ, генерален директор на Електромрежа на Србија. Таа говори и дека оваа компанија интензивно вложува во прекуграничните капацитети во преносната мрежа.

Како ја оценувате регионалната соработка меѓу електропреносните систем оператори во регионот на Југоисточна Европа?

Соработка меѓу операторите на преносните системи во целиот регион е традиционално на добро ниво, но ни претстојат нови предизвици кои се пред се поврзани со прашањето за имплементација на мрежните кодови, така што токму овој форум, кој покрај тоа што е во прекрасен амбиент и е проследен со добра воља од политичкиот врв, неопходен е интензивен, постојан и континуиран пристап на билатералната и мултилатералната соработка на преносните систем оператори, бидејќи само на тој начин ќе ги надминеме сите можни тешкотии кои претстојат во имплементацијата на мрежните кодови, а во согласност со третиот и четвртиот пакет од европските директиви.

Кои се главните предизвици конкретно за Електромрежа на Србија, од аспект на инвестиции во преносната мрежа?

Особено во последните пет години би истакнала дека Електромрежа на Србија интензивно вложува во своите прекугранични капацитети, доказ за тоа е реализацијата на интерконективното поврзување токму со Македонија, тоа е изградбата на 400 киловолтниот далновод Ниш-Лесковац-Врање- македонска граница, како и изградбата на целосно нова трафостаница Врање 4, таа е дел од тој стратешки проект на ширење и зајакнување на интерконективните врски со соседните оператори на преносните системи, и е многу значајна за нашите две земји. Покрај тоа, Електромрежа на Србија моментно ја реализира првата секција од првта фаза од трансбалканскиот коридор, всушност овој проект е завршен што се однесува до српската страна, што се однесува до романската страна, далекуводот е завршен, очекуваме до крајот на годината да биде пуштена во работа и трафостаница Решица, со што првата секција од трансбалканскиот коридор, кој поврзува четири земји од регионот, од Романија, до Италија, преку Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, ќе биде завршена до 2025 година. Вакви проекти нема многу и тие во десетгодишните планови за развој во нашиот регион се оценуваат како исклучително значајни, покрај тоа што се и исклучително вредни, на пример овој трансбалкански коридор чини 350 милиони евра. Ние до 2025 година планираме да ја зацврстите и дополнително да ја засилиме врската кон Романија, потоа да ја реализираме и втората фаза од секцијата на трансбалканскиот коридор која ги поврзува централните делови на нашата држава, значи конекцијата со Бугарија, и после тоа, на хоризонтот за 2030 година, зајакнување на конекцијата со Хрватска, се во согласност со нашите стратешки цели за зајакнување на интерконективни врски за кои денеска имавте прилика да слушате. Тоа претпоставува дополнителни повеќе од 300 милиони евра, значи дека имаме многу работа и многу соработка со нашите регулативни тела, национални институции и со уважувања на сите потреби на сите наши граѓани, но и на граѓаните на целиот регион.

Каква е состојбата во Србија со отвореноста на пазарот на електрична енергија?

Тоа е едно од најважните прашања, не само за Србија, туку и за целиот регион, значи, тоа е во согласност со третиот и четвртиот пакет, во согласност со целите кои се поставени како први стратешки цели на нашите држави. Ние од 2013 година целосно го отворивме пазарниот механизам во Србија, низ имплементација на третиот пакет во нашата национална легислатива. Освен тоа, на 17 февруари 2016 година, значи има веќе цели две години, е активна Берзата на електрична енергија, неа ја воспоставивме со стратешкиот партнер, најголемата светска компанија за трговија на електрична енергија, Епекс спот. За оваа компанија (берзата) тврдиме дека има голем потенцијал, а покрај тоа, таа е 75 отсто во сопственост на српскиот оператор на преносниот систем, а 25 отсто во сопственост на Епекс спот. Таа има и потенцијал на спојување во регионални берзи на електрична енергија и ние веќе имаме потпишано меморандуми за разбирање за натамошно ширење и соединување на напите берзи, за што денеска исто така имавме прилика да слушаме.

Нашиот вицепремиер изјави дека со формирањето на единствениот регинален пазар на електрична енергија, и со инвестиции во преносните и производните капацитети на енергетската мрежа, има изгледи цените на електричната енергија во регионот да одат надолу и да се изедначуваат со европските цени. Дали има шанси за нешто такво?

Јас сум оптимист и јас исто го делам неговото мислење. Секако, тоа не е нешто револуционерно ново, ниту е тоа некоја фантазија која доаѓа од овие краеви. Европа веќе има такви пазари, тие се се повеќе и повеќе глобални пазари, токму таа глобализација и отворање на регионалните пазари на електрична енергија, исто како и со сите други берзи, како што се финансиските и сите други берзи. Значи работата е едноставна, колку е поголема понудата и колку е подобра воспоставеноста на функционирање на принципот на берзанското работење, каде се присутни транспарентно понудата и побарувачката, ефектот е таков – цената на електричната енергија да паѓа, како што тоа се случува и со сите други берзи и на пазарот каде што владеат економски закони. Така што, тоа може да донесе бенефит од пошироки размери на регионот, а знаеме дека кога цената на електричната енергија, како една чувствителна базична категорија во општеството, е пониска, тоа создава нови просперитети за развој на општеството воопшто и за развој на економијата на поединечни земји во рамките на нашиот регион.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ