Димитров: Утрешниот ден е многу важен!

Утрешниот ден е многу важен, вели министерот Димитров во однос на средбата со Коѕијас и медијаторот Нимиц, закажана за утре во 10.30 часот, повторно во Сунио, каде се одржува министерскиот состанок на проширената вишеградска група и земјите од Западен Балкан Утрешната средба се очекува да даде сигнали дали забрзаната динамика на решевање на спорот пред јунскиот Европски совет и јулскиот самит на НАТО, со цел почнување на пристапните преговори и добивањето покана за Алијансата, може да биде остварлива.

Од утрешниот ден и постигнатите резултати ќе зависи и дали премиерите Заев и Ципрас пет дена подоцна во Софија ќе може да навестат дека двете земји се на чекор до решение. Односно, дали нивната претходно планирана средба на маргините на самитот ЕУ- Западен Балкан во Софија на 17-ти мај, ќе се претвори во нешто повеќе од тоа.

„Факт е дека сме во најделикатната и последната фаза, факт е дека има многу прашања за кои има разбирање, тоа разбирање е врзано со крај. Значи, тоа што е договорено, не е договорено, ако не е договорено сe и факт е дека утрешниот ден е многу важен, неколку дена е пред самитот во Софија и наша должност е да најдеме едно решение што е можно повеќе ќе ги покрива потребите на двете страни, за да им овозможиме на премиерите прво да се сретнат, и после тоа да си подадат рака, ама мора да понудиме некакви опции, таа ни е задачата утре“, рече шефот на македонската дипломатија.

На новинарско прашање и коментар дека се чини дека премиерот Заев е пооптимист од него, Димитров рече дека имаат различни стилови, премиерот го покажува правецот, а тој како министер мора полека полека да го изоди патот преку процесот.

Во трасирањето на тој пат од последната рунда преговори во Виена на 25 април до утрешната нова рудна со Нимиц, Димитров и Коѕијас одделно се сретнаа два пати при што ги разгледуваа комбинациите за надминување на клучната разлика – опсегот на употреба и грчкото барањето за промената на македонскиот Устав.

Грчките медиуми во претходните денови потсетуваа дека Македонија има два аргумента против уставна промена. Едниот е политички, поради тоа што „Владата нема двотретинско мнозинство во Собранието“, а вториот е правен аргумент, затоа што „највисокиот суд на земјата никогаш не пресудил дека меѓународните договори се подредени на Уставот“. Но, потенцираат дека сепак „решението е во рацете на Ципрас и Заев“ и дека клучен датум ќе биде 17 мај во Софија.

Од еден до друг клучен датум во кратко време, останува да видиме дали ќе се постигне напредок на утрешниот нов круг разговори со медијаторот Нимиц.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ