
Последните средби околу името не довеле до поместувања во преговорите
На последните средби околу спорот за името не се направени крупни поместувања и исчекори во преговорите. Ова во очи на новата рунда преговори околу името под медијаторство на Метју Нимиц која треба да се одржи утре во Атина го соопшти македонскиот премиер, според кого на преговарачката маса се останати многу сериозните прашања.
„Во последните средби нема крупни поместувања. Иако направените исчекори се огромни она што на крај е останато е многу сериозно“, кажа Зоран Заев, премиер на Македонија
Заев притоа вели оти е свесен дека најголемата одговорност за решавањето на спорот е на владата, но оти се прават напори да се дојде до мудро решение зад кое би застанале сите лидери во државата.
Преговорите околу името се интензивираа изминатиот период со цел да се дојде до конкретен предлог до Самитот ЕУ – Западен Балкан идната недела во Софија по што на преговарачка маса би седнале и премиерите Заев и Ципрас, за до самитот на Унијата во јуни да биде постигнато конечно решени.
Во таа насока од последната рунда преговори во Виена на 25 април до утрешната нова рудна со Нимиц, Димитров и Коѕијас одделно се сретнаа два пати, минатата недела во Солун, при што разгледуваа комбинациите за надминување на клучната разлика – опсегот на употреба и грчкото барањето за промената на македонскиот Устав. По направените консултации дома тие во Сунио повторно ќе разговараат, за утре да му ги соопштата позициите на Нимиц.
Димитров и Коѕијас денеска во Сунио се дел од министерскиот состанок на проширената Вишеградска група и земјите од Западен Балкан на која се разговара за иднината на Европската унија и нејзиното проширување. Димитров на почетокот на состанокот на Коѕијас му рече рече дека можеби е цврст преговарач, но е добар домаќин.
Притоа тој во воведното обраќање рече дека зборовите Европа и иднина се синоним за регионот.
„Кога мислиме на нашата иднина мислиме на Европа, кога мислиме на Европа се работи за нашата иднина“, рече Никола Димитров, министер за надворешни работи на Македонија.
Според него предизвикот за земјите кандидати е како да станат Европјани и како да ја убедат Унијата дека заслужуваат да бидат дел од проширена Европа и оти не е можно за земјите од регионот да бараат нешто од Брисел ако не се едногласни.
Во фокусот на денешниот состанок на министрите од 15 држави, освен иднината на Европа е и соработката, бегалската криза, меѓусебното поврзување, како и на почитување и унапредување на човековите права во рамки во Унијата.
Тамара Грнчароска