
Фени од септември ќе работи со полн капацитет
Стечајната постапка на комбинатот Фени може да заврши во септември. Доколку во следниве неколку недели одборот на доверители го усвои планот за реорганизација,швајцарскиот инвеститор Џисол ќе се стекне со сопственост на фабриката. Тоа според нив ќе значи 200 нови вработувања, повисоки плати, поголемо производство и зголемен извоз
„Тековниот процес е комплициран и ако нема надворешни влијанија, стечајната постапка ќе заврши за 3 месеци.Нашиот план е „Фени“да стане најголем производител на никел во Европа. Планот за реорганизација содржи многу правни детали и планови за производството. Комбинатот има доволно ресурси и технички потенцијал и има добра перспектива“, кажа Маркос Камис од Џисол.
Ако стане сопственик на Фени, Џисол планира да ја активира и втората печка што според нив ќе значи инвестиција од нови 10-15 милиони евра, производство од 19-21 000 тони никел годишно и поголеми плати за работниците.
„Увезовме над 200 илјади тони руда од нашите рудници од Африка, како и од Индонезија, а во план е и увоз на руда од Латинска Америка. Во меѓувреме ги зголемивме и платите на работниците. Претходно, просечната плата беше 23.000 денари, а сега е 27 000 денари. Воведовме никел-бонус, а ќе воведеме и посебни стимулации за работниците“, кажа Герасим Кујунџиев директор на Еуроникел.
Паралелно со ваквите оптимистички очекувања, за Фени истрага води финансиската полиција, целта е да се открие како е направен долгот од 67 милиони евра и дали зад раководењето на комбинатот има и кривично дело кое довело до задолжување и стечај.
Фени е во стечај од минатата година а Џисол ја зема под закуп од февруари оваа година. Додека антикорупоционерите го оспоруваа огласот и начинот на кој е потпишан договорот со лице за кое велат е наведен само број на пасош, стечајниот управник уверува дека огласот и изборот на Џисол се направени законски и транспарентно.
Виолета З Стојановска