Советникот Хоџа се повлече од кабинетот на Заев

Од денеска советникот на премиерот Џезаир Шакири повторно е командант Хоџа. Војнички кажано се повлече пред реакциите на јавноста за неговото назначување. Реакциите беа надополнети со неговото присуство на американската црна листа, но и со неговите ставови од стари интервјуа за загинатите полицајци во Диво Насеље, како и неговите ставови за уредувањето на државата. Шакири беше познат и по жестоките критики за ДУИ. Беше ангажиран како надворешен советник на премиерот за внатрешна безбедност и радикализам. Само пет работни дена откако се дозна за функцијата траеше ангажманот на Хоџа во кабинетот.

Шакири не можевме да го добиеме на неговиот телефон. Во изјава за агенцијата МИА рекол дека се повлекува во интерес на државата и дека не му е до државната плата од 36 илјади денари месечно.

„Единствениот политичар во Македонија што ми укажал некаква шанса е премиерот Зоран Заев и тој единствено ја има мојата почит. Не сакам заради ова Македонија да трпи на својот пат за ЕУ и НАТО. Ако мислеа дека ми е до тие пари, се лажат. Еве им ги назад, не ми се потребни“, кажа Џезаир Шакири-Хоџа за МИА.

По откривањето на информацијата опозиционата ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше Заев и прашуваше од кого било заробено Танушевци, па Хоџа го ослободил. Тоа беше дел од фејсбук постот на Шакири за неговата советничка позиција. Но, беше откриено и дека премиерот има вкупно 56 советници, некои вработени постојано, некои надворешно ангажирани. На листата се најдоа и организацискиот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, кој е адвокат и советува за адвокатски услуги, а советник за социјални услуги е Стаменковски Горан, вработен во основниот суд Скопје 1.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ