Министерството за здравство и ОН со мерки за намалување на смртноста кај новороденчињата

Ќе се намалува смртноста на новорденчиња во државата. Експерти од Светската здравствена организација ќе ги учат гинеколозите, неонатолозите и акушерките како да ја подобрат грижата пред и по породувањето, и со тоа, да се намали смртноста кај бебињата.

Министерството за здравство потпишаа договор со Обединетите нации, кој предвидува до крајот на годината да се обучуваат кадри и да се подобри клиничката пракса.

„Да се унапредат капацитетите на гинеколозите-акушери, неонатолозите и акушерките, и ќе се подобри грижата на мајката и новороденчето во текот и по породувањето. Примена на практики согласно последните стандарди на СЗО, за грижа на мајките и новороденчињата“, кажа Венко Филипче – Министер за здравство.

Филипче најави и работа со самите родители, за да се едуцираат да ги препознаат знаците на опасност пред и по породувањето. Министерот потенцира дека ќе се надополни кадар и опрема во Клиничките болници, а акцент ќе биде ставен на болниците во Штип, Битола и Тетово бидејќи таму е најалармантна состојбата.

Од Фондот за население на Обединетите Нации, нагласуват дека здравјето на мајките и новороденчињата треба да биде приоритет.

„За да се постигнат резултати, пристапите за справување со квалитетот на грижата заради подобар исход на бременостите и породувањата, треба да бидат мултидисциплинарни и во нив да бидат вклучени професинални и обучени гинеколози, неонатолози, акушерки, како и самите мајка и татко на бебето“, кажа Иан Мекфарлан – Заменик-регионален директор на канцеларијата на фондот за население на ОН.

Со договорот се обезбедуваат вкупно 81.600 евра. Пари кои половина ги обезбедува Владата, додека другата половина Фондот за население на Обединетите нации.

Ваквите мерки доаѓаат по црните статистики кои ја сместија Македонија на првото место во регионот и второ во Европа, по смртност на новороденчиња, во категоријата на земји со мал изглед за преживување на бебињата.

Статистиката за минатата година, покажува дека на скопската Клиника за гинекологија починале 163 новороденчиња од кои 60 отсто предвремено родени.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ