Владата очекува покана од НАТО на јулскиот самит во Брисел, но без разочарувања ако не ја добиеме

Владата очекува дека на Самитот на НАТО во јули Македонија ќе добие покана и ќе стане членка на Алијансата, таа е прва наша позиција и досега не е напуштена, тврди националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски. Тоа што јас или други членови на Владата некогаш зборуваме и за други сценарија, е нормална реакција. И во животот па и во семејството мора да имате алтернативи, одговорна Влада мора сите нив да ги разработи, па и тоа – на 11 и 12 јули да не се случи она што сите го посакуваме.

Проблемот со името е единствениот на патот на земјава до Алијансата, во однос на сите други критериуми сега повторно имаме чиста ситуација. Никогаш никој не рекол дека опструкциите што ни ги прави Грција, е однесување на демократска држава.

„Ако врши работа за некои луѓе, еве повторно ќе кажам, дека однесувањето на Грција досега во преговорите, во некои аспекти, е апсурдно, и за мене лично не разбирливо. Се надевам дека во следниве 10 до 15 дена, што е најчувствителниот период за преговорачкиот процес во очи на Нато самиотот, дека тука ќе се најде некаква взаемна позиција, во која нема ниту една од страните, а големи се шансите ние тоа да бидеме, да излезе како понижена. Ако вие имате понижувачки договор, не можете да очекувате дека ќе мго прифатат македонските граѓани“, рече Пендаровски.

Тој рече дека и да знае не би открил детали, со цел да не им се наштети на преговорите.

Ако не добиеме покана, наш предизвик во следниот период, наспроти нечии катастрофични предвидувања, нема да биде зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет, бидејќи такви закани нема, туку развојот на демократските институции и економијата. Членството во НАТО ќе ја направи поотпорна меѓуетничката оска, врз која во најголем дел почива стабилноста на земјава, вели Пендаровски.

Според него, нашите предизвици за влез во НАТО се многу специфични, бидејќи сличен проблем нема ниту една од другите земји аспиранти.

Во последниве 11 години, откри тој, поддршката за НАТО значајно опаднала,  но сега таа оди нагоре и достигна над 50 отсто кај етничките Македоници и 80 отсто кај целата популација.

Од Алијансата, пак, со порака до земјава дека за земјава вратата на НАТО е отворена, бидејќи сака да ја види како успешно се интегрира како стабилна, сигурна и демократски просперитетна земја. Се надевам дека целта да бидете 30 членка, наскоро ќе стане реалност, рече Бартол од Канцеларијата на НАТО во Скопје. Тој беше прашан зошто Алијансата има двојни стандарди и и дозволува на Грција да крши меѓународни договори.

„Можам да ве уверам дека од самиот поичеток на НАТО, секоја одлука се финализира на база на консензус и секоја поединечна нација има еднаков третман во тој процес. Нашето однесување е еднакво со секоја земја“, рече Бартул.

Тој е дециден дека Македонија и Грција мора да прифатат дијалог и да го решат проблемот, им се допаѓало тоа или не.

Фактот што НАТО ги носи одлуките со консензус, но и изјавите што доаѓаат од Грција, за поранешната пратеничка Нора Алити, говорат дека не треба да се разочаруваме доколку на претстојниот Самит не добиеме покана. Како општество не смееме да изгубиме надеж и да влегуваме во внатрешни меѓуетнички тензии и популиузми, тоа нема да биде крај на нашиот пат кон НАТО и нема уште 10 години да бидеме во чекалницата.

„Главен наш предизвик е како граѓани да прифатиме дека и доколку на самитот не добиеме покана, мора да продолжиме со нашите напори за консолидација на демолкратијата и за реформи“, рече Алити.

Ненад Мехмедовиќ, претседател на Институтот за јавна политика, ја претстави новата веб-страна – нато.мк, на ќе бидат објавувани точни информации за патот на земјава кон НАТО, наспроти големиот број лажни вести кои се појавуваат на таа тема.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ