
Кон крајот на јули ќе се знае дали ќе поскапат услугите за парното греење
Од топланата Балкан Енерџи Груп велат дека по процените на финансиското работење, ќе одлучат дали од Регулаторната комисија ќе побараат зголемување на цените на парното.
На отчетот за сработеното во петтата грејна сезона, од БЕГ се повикуваат на статистиката која покажува дека од наследени 44.000 корисници, бројката се зголемила за нови 6.300. Потенцираат дека искористени се 400 мега вати од вкупната пропусна моќ која изнесува 800.
„Со сите овие мерки коишто ги преземавме кумулативно имаме заштеда од повеќе од милион евра годишно, секоја година. Не зависи цената на парното само од енергетската ефикасност и оперативните трошоци. Зависи и од берзите на енергенси. Се тоа зависи и од предвидените идни цени. Обично, централното греење е најконкурентно во високоурбаните средини. Таму каде што има високоурбани средини треба да се промовира централното греење, меѓутоа да не се прави хаос во смисла некој се грее на струја, некој на парно, и после тоа остануваат неискористени капацитети еве вака, 400 мегавати, и заради тоа услугата станува поскапа, затоа што фиксните трошоци се распределуваат на помал број“, кажа Димитар Кочовски – Директор на Балкан Енерџи Груп.
Балкан Енерџи Груп во рамки на идните активности планираат ширење на покриеност со услугите, во новата еко-населба Александрија во Ѓорче Петров.
Во мерките за подобрување на услугите кои им ги нудат на своите корисници, планираат промена на времетраењето на греењето. Од менаџментот истакнуваат дека размислуваат за воведување 24 часовно греење.
Петар Догов