Можни разговори за статусот на МПЦ меѓу вселенскиот патријарх Вартоломеј и бугарскиот Неофит

Таканречената Железна црква во Истанбул е местото каде на Божиќ заеднички литургија ќе служат вселенскиот патријарх Вартоломеј и бугарскиот патријарх Неофит. За МПЦ ова е значајна средба бидејќи се очекува засилена офанзива на бугарската црква за воспоставување на канонскиот статус на Македонската православна црква.

Се очекува барањето на МПЦ за БПЦ да и биде црква мајка да биде тема на разговор на претстојната средба меѓу двајцата патријарси.

Бугарскиот патријарх Неофит ќе биде дел од официјалната делегација, предводена од премиерот на Бугарија, Бојко Борисов на долгоочекуваното отворање на реновираниот бугарски храм Свети Стефан во Истанбул. На литургијата се очекува да присуствува и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Во меѓувреме во интервју за МИА архимандрит Партениј, игумен на Светата Бигорска и Рајчичка обител вели дека бугарската православна црква има многу поголемо црковно и историско право да ѝ биде Црква-Мајка на МПЦ затоа што со неа не поврзува долгогодишна заедничка црковна историја, почнувајќи од Охридската архиепископија, а потоа и заедничката Егзархија. Според него, односот на Српската православна црква кон МПЦ, е како што вели „невидена Голгота, нетолерантност и незаинтересираност за нерешеното прашање, со исклучок на некои нејзини архиереи и духовници“.

„Овие седумдесет години СПЦ ни наметна таква сурова изолација каква што досега не претрпела ни една друга Црква во историјата. Српските националистички настроени архиереи никако не сакаат да прифатат дека возобновувањето на ОА била волја и на свештенството, и на монаштвото, и на православниот народ. И до ден денес е така. А токму таа борба за возобнова на ОА одиграла, можеби, клучна улога и во создавањето на современата независна македонска држава“, вели Архимандритот Партениј.

Инаку вчера Епископот бачки Иринеј во интервју за весникот Печат го искажа својот сомнеж дека зад односите меѓу БПЦ и МПЦ има политичка позадина. Сценарио според Иринеј се режирало во Струмица на средбата на двајцата премиери Заев и Борисов. Потегот на МПЦ за Иринеј е неук а целта е црковниот проблем да го решат со политичко насилство.

МПЦ пред месец и половина побара БПЦ да и биде црква мајка, по што дванаесет митрополити на чело со Неофит се потпишаа дека ќе ја застапуваат МПЦ пред останатите цркви.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ