Раководител на Ѓавато боледува во канцеларија – вработените изигруваат болничари

Шприцови, цевки за катетар, садови и лекови. Оваа просторија во којашто се е подредено за лекување на болен, не е ниту болничка соба ниту просторија за домашно лекување. Туку канцеларијата на раководителот на хидросистемот Ѓавото во Богданци.

Но, наместо биро, овде доминира болничкиот кревет за којшто е врзан веќе втор месец бидејќи е неподвижен по тешката сообраќајна несреќа во којашто настрадал. За него се грижат вработените, му даваат лекови, го хранат. Му менуваат и катетер, и му помагаат да одржува хигиена. Кога екипата на Телма влезе во канцеларијата, раководителот Јован Попов не сакаше да го снимаме. Тој тврди дека поради работата мора да е присутен и дека има дозвола од министерството за животна средина.

Вработените велат дека Попов има семејство, но со години живее во канцеларијата. Тие испратиле слики до министерството за животна средина, но досега никој не дошол, ниту пак реагирал. Исплашени дека може да им се загрози работното место не сакаа да го снимаме во лице, и само од страв за сопствената егзистенција прифаќале да изигруваат болничари на својот претпоставен сметајќи дека немаат избор.

Од Миниството за животна средина објаснуваат дека раководителот Јован Попов е на боледување од 30 март до 25 мај оваа година. Во меѓувреме, според министерството, нема застој во функционирањето на системот Дојранско Езеро.

Инаку во рамки на новата систематизација министерството имало предвидено реструктурирање на единицата одговорна за системот Ѓавато-Дојранско Езеро, но истата било планирано да се реализира по боледувањето на Попов. Министерството тврди дека не знаеле дека Попов е сместен во канцеларијата.

Сузана Мицева

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ