Невремето вечерва ги остави без струја Аеродром и Лисиче, дефектот веќе е отстранет

Нормализирано е снабдувањето со електрична енергија во населбите Аеродром, Лисиче и Ново Лисиче, по интервенцијата на екипите на ЕВН кои го санираа дефектот на електричната мрежа, кој настана како последица од невремето кое го зафати Скопје денес.

Од ЕВН велат дека дефектот на трафостаницата настанал околу 21:30 часот, кога гром погодил главен далновод, откако се влоши временска состојба.

Поројниот дожд предизвика поплавување на повеќе сообраќајници во Скопје и околината. Дежурни екипи на ЈП „Водовод и канализација“ вечерва интервенираа со црпење вода од повеќе сообраќајници и подвозници, особено на локациите каде поројниците вообичаено се собираат, како булеварите Никола Карев и Србија.

Дежурните екипи на Водовод попладнево црпеa вода од подруми во Сингелиќ, Црешево и Драчево.

УХМР соопшти дека во кумановско подрачје имало појава на град со големина од два сантиметра.

Најавите на Управата за хидрометеоролошки работи за во доцните вечерни часови се дека временската состојба ќе се стабилизира. Влажната воздушна маса се поместила кон западните и југозападните делови на земјава, каде се уште има поројни врнежи од дожд, проследени со грмотевици и засилен ветер.

Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во вторник и среда, појавата на пороен дожд и грмежи ќе биде поретка и со послаб интензитет.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ