Младите се помалку сакаат да работат во земјоделството

Опаѓа бројот на младите земјоделци во државата. Младите се’ помалку се гледаат во оваа стопанска гранка. Податокот го даде истражувањето на Руаралната коалиција којашто констатирала повеќе причини зошто младите не сакаат да бидат земјоделци.

Лилјана Јоноски, Рурална коалиција – Интересот за бавење со земјоделската дејност се повеќе и повеќе опаѓа. Во нашето истражување се покажа зошто е тоа така. Самите земјоделци сметаат дека немаат влијание во донесувањето на одлуките, дека не се слуша нивниот глас, дека не се почитуваат нивните ставови и не се практикуваат нивните предлози.

Според Рурална коалиција, земјоделците мора да се здружуваат и заеднички да ги застапуваат и лобираат своите барања. Само на тој начин може да придонесат за суштински промени во дејствувањето, но и третманот од државата.

Лилјана Јоноски, Рурална коалиција – Мора на земјоделците, особено на помладите, да им покажаме дека главниот и критичен фактор на одлучување се токму тие. Не оние коишто седат во институциите или министерствата туку земјоделецот. Меѓутоа, поединечно секој не може да делува и не може да постигне многу. Еден од начините како тоа да го промениме и да се зајакне нивната самодоверба, како и довербата во институциите и во начинот на делување е да се делува здружено.

Нема официјални информации колкава е просечната старосна граница на македонскиот земјоделец, но и надлежните институции и граѓанските организации се согласуваат дека овој е горлив проблем и потребен е сериозен приод за негово надминување. Последните години, државата промовира низа мерки за поттикнување на младите да се занимаваат со земјоделство, но видлив ефект од нив се’ уште нема.

Сузана Мицева

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ