
КОД: Во обвинителството се уште отворен предметот за изборот на Талат Џафери за спикер
Обвинител за организиран криминал досега неколкупати од Собранието го барал записникот за седницата на која беше избран Талат Џафери за претседател на парламентот, постапувајќи по приватна кривична пријава за злосторничко здружување на 61 пратеник кои гласале на 27-ми април лани.
КОД во вечерашното издание открива дека истиот предмет еднаш веќе бил затворен, но пријавата е пренесена од скопското во обвинителството за организиран криминал. Интересно е што Собранието се уште не го усвоило записникот од седницата за избор на Џафери.
Истрагата дали изборот на Талат Џафери е кривично дело и противуставен чин не престанала. Била иницирана од кривична пријава која здружение на граѓани ја поднело против 60 пратеници. На кривичната пријава под сомненине дека сториле серија кривични дела како првоосомничен е наведен Ферид Мухиќ, пратеникот кој го водеше изборот за спикер. Новоизбраниот претседател на парламентот Талат Џафери бил второосомничен на пријавата, по него следувало името на Заев, па на останатите пратеници од новото владеачко мнозинство. Подносителите на пријавата била упатени дека надлежно е скопското обвинителство и таму ја доставиле.
По кривичната пријава почнува да работи обвинител од скопското обвинителство , но ја отфрла како неоснована-нема елементи на кривично дело кое се гони по службена должност. Јавниот обвинител сметал дека пратениците се избрани да гласаат по сопствена волја и убедување и дека нивното гласање може да се обжали или на управен или на Уставен суд.
По истекувањето на мандатот на Гешковска како скопски обвинител, обвинителот кој го работел предметот бил повикан од заменикот Цветановски кој се интерсирал зошто е отфрлена пријавата и го барал и образложението. Предметот бил пратен кај него.
Но потоа било откриено дека предметот го нема во архивата. Ја немало ниту кривичната пријава против пратениците на владеачкото мнозинство ниту образложението зошто е отфрлена. Се отворила интерна истрага да ја реши мистеријата.
Откриено е дека некој дал наредба архивата да не го дава предметот на Обвинителот кој го работел .По куса истрага предметот е пронајден . Но отфрлената кривична пријава не го завршила патот. Во пакет со остатокот од истрагата е испратена во Обвинителството за организиран криминал.
Вечерва во КОД и за состанокот во обвинителството дента кога се случи упадот во Собранието, како и за пропустите на обвинителите кои ја воделе истрагата за крвавиот четврток. За тоа како реагирало обвинителството на крвавиот четврток, во емисијата Код и интервју со поранешната обвинителка Роксанда Крстевска.
Емисијата КОД е веднаш по централните вести на ТВ Телма во 19:00 денеска (недела 06.05.2018.).