Милошоски бара да се преиспита коалицијата „За подобра Македонија“

Се тресе ли коалицијата “За подобра Македонија”? Откако во последно време некои пратеници постапуваат спротивно на заедничката политика, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски побара ефикасноста на коалицијата да се преиспита и ако треба да се распушти. Смета дека партиите во реалноста се далеку од сплотеноста и ефикасноста поради која е создаден овој повеќепартиски проект.

Милошоски критикува дека поставеноста на Социјалистичката партија не е дефинирана, а Титовите леви сили, освен за подбив, не користат за ништо друго. Демократската партија на Србите, вели, во последно време е чест гостин во Москва, иако тоа не е во склад со определбите на ВМРО-ДПМНЕ. Во контекст на ова, тој смета и дека  партијата треба да ја поддржи идејата за една изборна единица и на тој начин како носечка партија да се ослободи од нужноста да влече во коалицијата партии кои не се релевантни, а преку поголемите партии стануваат фактори во Собранието или во советите. Со една изборна единица нема потреба од предизборни коалиции, секоја партија ќе може да измери колку и тежи довербата, а потоа во Собрание да коалицира на основа на програми и интереси.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека ова не е партиски став.

На изборите во 2016-та и 2017-та година, ВМРО ДПМНЕ коалицираше со 23 политички партии. Дел од нив, како Амди Бајрам и пратеникот од ГРОМ, Чедомир Саздовски, по поразот им свртеа грб, а деновиве и пратениците од Социјалистичката партија, Владанка Авировиќ и Љупчо Димовски, постапуваат спротивно на политиката на коалицијата. Обезбедуваат кворум за работа на мнозинството, во моменти кога нивните колеги од ВМРО ДПМНЕ ја напуштаат салата, а не се потпишаа ниту на барањето за доверба на владата. Ниту еден од нив не е достапен за коментар околу понатамошното опстојување на коалицијата.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ