
Започна средбата во Солун на министрите за надворешни работи
Започна средбата во Солун на министрите за надворешни работи на Македонија, Грција, Бугарија и Албанија.
Коѕијас, Димитров, Захариева и Бушати ќе разговараат за начините за зајакнување на соработката во насока на интегрирање во Европската унија.
Покрај темите од регионот шефовите на дипломатиите на четирите земји ќе разговараат и за состојбите на Блискиот Исток и источниот медитеран, последиците од бегалската криза и иднината на Европа. Од македонското министерството за надворешни работи не прецизираат кога ќе се одржи средбата Димитров- Коѕијас, на која би требало да стане збор за спорот околу името.
Иако, формално, преговорите за името се одвиваат со посредство на медијаторот Метју Нимиц, министрите Димитров и Коѕијас, се очекува повторно да ги отворат т.н. Најтешки прашања, односно опсегот на употреба на името што ќе се договори и барањето на Атина за промена на македонскиот Устав. Коѕијас во повеќе наврати изјави дека „другата страна мора да сфати оти е неопходно да се согласи за ерга омнес“ што ќе овозможи да се постигне сеопфатен договор. Македонија, пак, се надева дека прашањето за името ќе се реши до Самитот на ЕУ од кој очекува датум за почеток на преговорите со унијата, како и покана за членство на јунскиот самит на НАТО.
Димитров и Коѕијас повторно треба да се сретнат и следната недела на меѓународна конференција што ќе се одржи во местото Сунио, во близина на Атина.