Истрага за обвинители поради крвавиот четврток затоа што не извршиле увид во Собранието

Неколку месеци државното обвинителство истражува дали и кои обвинители ја отежнувале истрагата за крвавиот четврток.

„Се утврдува одговорност кои обвинители не овозможиле увид односно не направиле увид во Собранието по настаните на 27-ми април. Постапката е при крај. Доколку се утврдат пропусти кај некој обвинител ќе биде отворена дисциплинска постапка против него и ќе бидат преземени сите предвидени мерки“, во телефонски разговор ни соопшти државниот обвинител Љупчо Јовевски.

Внатрешната истрага во државното и во вишото обвинителство била отворена откако е утврдено дека надлежните обвинители наредниот ден по случувањата во Собранието воопшто не побарале увид на лице место за да се утврдат кривичните дела извршени на крвавиот четврток.

Увид на лице место е вршен неколку месеци подоцна откако обвинителството за организиран криминал и корупција ја презеде истрагата за крвавиот четврток. Со истрагата според порталот сдк.мк се опфатени обвинители од скопското обвинителство и од обвинителството за организиран криминал и корупција.

Државниот обвинител Јовевски не открива повеќе детали за колку обвинители станува збор и што е откриено досега со истрагата за одговорност на обвинителите дека не вршеле законски дејствија за да го истражат насилството и упадот во Собранието на 27-ми април.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ