Власта и опозицијата воздржани за предлогот на Иванов, се пеглаат ли ставовите?

Власта и опозицијата денеска прилчично воздржани околу предлогот на шефот на државата Ѓорѓе Иванов – и во наредните седум години прв човек на Народна банка на Македонија да биде сегашниот гувернер Димитар Богов. Велат дека се уште не го добиле предлогот со образложението, а тој и денеска не беше ни официјално објавен на собраниската веб страница.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде претходно се изразуваа во суперлативи за гувернерот Богов, сега велат дека во наредните денови ќе одлучуваат партиските тела.

Иако за денеска беше најавено пратеничката група на СДСМ да има координација со премиерот Заев околу нејзиното изјаснување за гувернерот, од партијата велат дека не може да има координација кога се уште не ги добиле материјалите.

Можно ли е необјавувањењто на предлогот на страната на Собранието и воздржаноста на пратениците од власта и опозицијата да значи дека во наредните денови ќе има нов обид да се испеглаат ставовите меѓу претседателот на државата и парламентарното мнозинство околу кандидатот за гувернер, кој го предлага шефот на државата, а за него се изјаснуваат народните избраници?

И додека неизвесноста трае, пратениците од ДУИ денеска не сакаа да зборуваат во камера, велат дека стојат на истиот став како во понеделникот, а тоа е дека Фатмир Бесими, истакнат член на партијата и советник за економија на премиерот Заев, е најдобро решение за гувернер околу кое треба сите да се обединат.

Денеска, пак, Бесими во Собранието бил на средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети, а на прашањето на Телма дали разговарале за гувернерската позиција, тој ни изјави дека тоа прашање не било тема на состанокот.

Нина Нинеска-Фиданоска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ